Нељубезноста проблем за некои подрачни единици на Централниот регистар
Службениците не биле доволно љубезни и не го почитувале едношалтерскиот систем во дел од подрачните единици...

Централниот регистар е институцијата која граѓаните ја избраа за најдобра, покажуваат спроведените истражувања. Сепак, службениците не биле доволно љубезни и не го почитувале едношалтерскиот систем во дел од подрачните единици.
„И покрај тоа што во Пробиштип и Гевгелија има мал број на граѓани коишто доаѓаат за услуги, односно помал од останатите подрачни единици, нељубезноста на операторите и исто така непочитувањето на едношалтерскиот систем е на најнезадоволително ниво“, истакна министерот Иво Ивановски.
Едношалтерскиот систем предвидува завршување на предметот во рок од три дена, а потребната документација треба да ја обезбеди самата институција. Овој проект ефикасно се спроведува во Централниот регистар на ниво на државата. Граѓаните се задоволни и од пристапот на службениците, но и од услугата и хигиената.
За позитивните оценки придонесле низа мерки и акциски планови.
„Од наша страна беа преземени интерни и екстерни обуки на нашите вработени, со цел за подобрување на нивната деловна кореспонденција и за нивниот професионален однос при давањето на услугите кои ги добиваат крајните корисници“, рече в.д. директорот на Централниот регистар, Андреја Поповски.
Централниот регистар, минатата година, ја доби наградата за квалитет во работењето. Поповски смета дека за тоа е заслужен успешно реализираниот граѓански дневник и најавува нови корективни акции.
Лука Андреев
