Преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, први директни по цели три години
Преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, први директни по цели три години. Го нема Путин, го нема ниту Трамп. Ништо нема да се случи додека јас и Путин не се сретнеме, изјави американскиот претседател. Од руската делегација велат дека целта е да се воспостави долгорочен мир. Претседателот Зеленски дециден, ако нема подготвеност за мир, мора да се изврши поголем притисок врз Москва …

Во Турција, старт на долгоочекуваните мировни преговори за Украина, без учество на шефот на Кремљ. Ништо нема да се случи додека јас и Путин не се сретнеме, изјави американскиот претседател Трамп по слетувањето во Обединетите Арапски Емирати.
„Видете, ништо нема да се случи додека не се сретнеме со Путин. И очигледно – тој не планираше да оди. Сакаше да оди, но мислеше дека јас ќе бидам таму. Не верувам дека нешто ќе се случи, без разлика дали ви се допаѓа или не, додека јас и тој не се сретнеме. Но, ќе мора да го покренеме ова прашање бидејќи премногу луѓе умираат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Руската делегација во Турција ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински, украинската, министерот за одбрана, Рустем Умеров.
„Ги сметаме овие преговори како продолжение на мировниот процес во Истанбул, кој, за жал, беше прекинат од украинската страна пред три години. Нашата официјална делегација е одобрена со претседателски декрет и ги има сите потребни надлежности и овластувања за водење преговори. Задачата на директните преговори со украинската страна е порано или подоцна да се воспостави долгорочен мир, елиминирајќи ги основните причини за конфликтот“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација во Истанбул.
Доколку се постигне прекин на огнот на техничко ниво, не е потребна средба со рускиот претседател, но ако Русија не покаже подготвеност за разговори, мора да се изврши посилен притисок врз Москва, порача Зеленски од Турција.
„Откако го дознавме нивото на руската делегација, гледаме дека, за жал, тие ги сфаќаат преговорите многу несериозно. Досега, не гледаме меѓу присутните никого што всушност донесува одлуки. Иако сакам да ве потсетам, Русија беше таа што предложи директни преговори. Имаше и лична поддршка од претседателот Трамп – лидерите да се сретнат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Паралелно со случувањата во Истанбул, во Анталија неформален состанок на НАТО. Оттаму скептични тонови за евентуалниот пробив во преговорите меѓу Москва и Киев.
„Кога ќе се постигне прекин на огнот или мировен договор во Украина, тој треба да биде траен, да немаме повторување на тоа што се случи во 2014-15 година со Минскиот договор“, изјави Марк Руте, генералниот секретар на НАТО.
Ова се први директни преговори меѓу Русија и Украина од почетокот на војната во 2022-та, кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но тие не доведоа до мировен договор.
Маријана Димовска
