Монденските плажи стануваат обележје на Струга

13.08.2014 16:32

Концесионерите на струшките плажи ја научија и веќе ја применуваат лекцијата за привлекување повеќе гости-уредени плажи, содржини за анимација, ладни напитоци и добра музика. Вистинско место за спас од пеколните горештини.

Дали Струга му се приближува на Охрид во промоцијата на елитниот туризам? Судејќи според посетеноста, културно-историското богатство, природните убавини и посебно по гостољубивоста, очигледно е дека двата града на брегот на најубавото езеро во светот имаат многу адути. Иако втор туристички центар, Струга ја има предноста што во самиот центар на градот има неколку преубаво уредени плажи.

Туристите презадоволни од понудата на плажите.

„Супер е значи има журки секој ден, прубаво е“.

„Преубаво е наместена плажата, коктели има многу“, велат анкетираните туристи.

Коктелите станаа дел од постојаната понуда на секоја плажа. Бармените се се побарани. За добар бармен, кој ќе подготви уникатни коктели, концесионерот е подготвен и добро да плати. А светскиот тренд стигна и кај нас, па  многу се барани и диџеите кои се грижат за музиката. Мора да биде гласна, популарна и секако, хитовска.

„Моја должност е да ја пратам музиката и светските трендови на диџеите за да им овозможиме убава забава и пријатен престој на сите гости“, вели Ди-Џеј Пепи.

Уште една предност на струшките плажи. Голем број наши музички ѕвезди, кои порано даваа огромни средства за да снимаат спотови во странство, конечно почнаа своите спотови да ги снимат токму на нашите прекрасни изгрејсонца, зајдисонца, на ситниот песок, заплискуван од брановите што се кршат удирајќи на брегот.

„Ни требаа некои специфични, уникатни, убави, одлични плажи а мислам дека Струга има такви плажи, може да се пофали со такви плажи“, вели Влатко Лозановски, музичар.

Струга се повеќе се наметнува како дестинација за одмор на помладата популација.

Сега, кога конечно дојдоа и вистинските летни температури, најдобро и најевтино е ако се нурнете во бистите води на Охридското Езеро и ги одморате очите гледајќи во синилото на хоризонтот, додека од најблиското кафуле ги слушате најновите хитови.

Прогнозите велат-ќе има  добри туристички биланси.

Јованчо Наумоски