Турција

Неизвесни преговорите Моска-Киев во Истанбул

16.05.2025 09:14

По долг ден конфузија синоќа тие ниту почнаа, ниту пак, една од страните потврди дека ќе се одржат денеска. Наместо тоа, од турското МНР соопштија дека се предвидени состаноци во различни формати-трилатерални средби меѓу САД-Украина-Турција од една страна и Русија-Украина-Турција од друга страна, но неизвесно е дали состанокот ќе се одржи во четиристран формат меѓу САД, Русија, Украина и Турција.

Украинската и руската делегација се во Истанбул, мировните преговори неизвесни. По долг ден конфузија синоќа тие ниту почнаа, ниту пак, една од страните потврди дека ќе се одржат денеска. Наместо тоа, од турското МНР соопштија дека се предвидени состаноци во различни формати-трилатерални средби меѓу САД-Украина-Турција од една страна и Русија-Украина-Турција од друга страна, но неизвесно е дали состанокот ќе се одржи во четиристран формат меѓу САД, Русија, Украина и Турција. Тимот од Москва ги очекува претставниците на Киев да седнат на преговарачка маса, иако Вашингтон претходно соопшти дека нема големи очекувања од разговорите додека Трамп и Путин не се сретнат.

„Делегацијата пристигна во Истанбул за да води директни билатерални преговори со Украина без предуслови. Веќе одржавме плодна средба со шефот на турското МНР и ја разјаснивме нашата позиција. Од 10:00 часот, ќе ја чекаме украинската страна, која треба да пристигне на состанокот“, изјави Владимир Медински – помошник на рускиот претседател Путин.

Зеленски кој замина од Турција претходно изјави дека веќе му дал мандат на својот тим предводен од министерот за одбрана Усмеров да разговара за прекин на огнот, кој е приоритет на агендата на првите директни преговори од 2022-та.

„Тие ќе имаат мандат да разговараат за прекин на огнот, тоа е број еден. Иако сè уште верувам дека Русија продолжува да го третира овој состанок несериозно и не сака да ја заврши војната, сепак се надевам дека барем ќе демонстрираат нешто за време на состанокот“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Државниот секретар Рубио најави дека нема да присуствува на разговорите со руската делегација.