Во Истанбул преговори меѓу Русија и Украина, но сепак на пониско ниво
Во Истанбул преговори меѓу Русија и Украина, но сепак на пониско ниво. Зеленски замина од Турција, но на преговорите испрати делегација што ја предводи министерот за одбрана. Американскиот претседател Трамп вели дека ништо нема да случи додека тој и Путин не се состанат …

Нов обид за мировни преговори меѓу Москва и Киев во Истанбул. По синоќешниот конфузен и долг ден, Русија и Украина конечно на преговарачка маса. Украинците предводени од министерот за одбрана Умеров, Русите од помошникот на Путин, Медински.
„Делегацијата пристигна во Истанбул за да води директни билатерални преговори со Украина без предуслови. Веќе одржавме плодна средба со шефот на турското МНР и ја разјаснивме нашата позиција. Од 10:00 часот ќе ја чекаме украинската страна да пристигне на состанокот“, изјави Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Путин.
Во Истанбул е и државниот секретар Рубио, но тој нема да присуствува на разговорите со руската делегација откако претходно соопшти дека нема големи очекувања додека Трамп и Путин не се сретнат. САД ги претставува директорот за планирање политики Мајкл Антон.
„Ќе се сретнам со министерот за надворешни работи и украинската делегација-висока делегација од Украина, затоа ќе се сретнам со нив. Некој од нашиот тим ќе биде вклучен во разговорите за Русија. Тие испратија група од пониско ниво. Верувам дека тие разговори ќе бидат меѓу Украина и Русија со нашите турски колеги и со некој од нашиот тим на соодветно ниво“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Зеленски, кој замина од Турција, претходно изјави дека веќе му дал мандат на својот тим да разговара за прекин на огнот, кој е приоритет на агендата на првите директни преговори од 2022-та.
„Тие ќе имаат мандат да разговараат за прекин на огнот, тоа е број еден. Иако сè уште верувам дека Русија продолжува да го третира овој состанок несериозно и не сака да ја заврши војната, сепак се надевам дека барем ќе демонстрираат нешто за време на состанокот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Мировните преговори меѓу Киев и Москва се претворија во долго исчекување откако Путин без објаснување не дојде, а Зеленски одби да седне на маса со руската делегација која според него не е компетентна да носи одлуки. Медински, пак, инсистираше дека тимот на Кремљ ги има сите потребни компетенции. Ова се први директни преговори од почетокот на војната кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но без мировен договор.
Бојана Крстевски
