Газа

Нови напади во Газа

16.05.2025 11:08

Жртви на израелски бомби во Газа додека силите на Тел Авив ги интензивираат нападите во енклавата. Според палестинските официјални лица, само во вчерашните бомбардирања се регистрирани над 140 жртви...

Нови жртви на израелски бомби во Газа додека силите на Тел Авив ги интензивираат нападите во енклавата. Според палестинските официјални лица, само во вчерашните бомбардирања се регистрирани над 140 жртви.

Израелските сили на копно, пак, ја нападнаа областа Беит Лахија предизвикувајќи ново раселување на цивилите. Жртви има и на окупираниот Западен Брег откако Израел започна опширна операција по убиството на бремена Израелка. Во истовреме, САД го поздравија официјалниот старт на новата Хуманитарна фондација за Газа за лансирање помош, по клучните договори со израелските претставници. Израел сепак, нема да ја финансира фондацијата, но ќе ги олесни напорите на групата.

„Еден од основните принципи на овој план е дека е независен, наменет за внесување хуманитарна помош во Газа. Но, треба да видиме како помошта влегува во Газа на начин што нема да му дозволи на Хамас или на други терористи да ја земат таа помош“, изјави Томи Пигот – заменик-портпарол на Стејт департментот.

„Апелирав Обединетите нации да се вклучат. Тие толку многу зборуваат за хуманитарните прашања во Газа, па еве го фондот предводен од САД, подготвен да работи. Израел нема да биде вклучен во оперативниот центар. Ќе ги олесниме напорите на групата и ќе им овозможиме да преминат низ територијата што ја оперираме, но дефинитивно нема да ги финансираме“, изјави Дени Данон – израелски амбасадор во Обединетите нации.