Украина

Истанбул - надеж за мир меѓу Русија и Украина

16.05.2025 15:54

Први директни разговори меѓу Русија и Украина по 3 години. Истанбул, градот на надеж за конечен мир меѓу двете земји. Тројна средба – САД, Турција и Украина ги почнаа преговорите за ставање крај на војната...

Нов обид за мировни преговори меѓу Москва и Киев во Истанбул. По синоќешниот конфузен и долг ден, Русија и Украина конечно на преговарачка маса. Украинците предводени од министерот за одбрана Умеров, Русите од помошникот на Путин, Медински. САД ги претставува директорот за планирање политики Мајкл Антон. Приоритет на агендата во разговорите е прекин на огнот.

„Приоритет број еден на агендата на украинската делегација е целосен, безусловно и траен прекин на огнот. Ова ќе послужи како индикатор за подготвеноста на руската страна за конструктивен дијалог. Украина, од своја страна, е подготвена за таква работа во Истанбул“, изјави Георги Тики- портпарол на Министерството за надворешни работи на Украина.

Во услови на политичка неизвесност низа состаноци во различни формати. Во претседателската канцеларија Долмабахче-трилатерална средба САД, Украина, Турција.

За шефот на НАТО, Путин направил грешка што испратил делегација од пониско ниво. Британија, пак, потегот го оценува како јасен доказ дека Русија не сака мир.

„Путин направи грешка со испраќањето делегација од ниско ниво, овој историчар ја предводеше нивната делегација на разговорите во 2022 година. Топката сега е очигледно на нивниот терен. Мора да биде сериозен во желбата за мир. Мислам дека целиот притисок сега е врз Путин“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

„Денес повторно ќе работиме на тоа за да бидеме јасни дека мора да има прекин на огнот, но и јасни дека, ако нема, ќе дејствуваме со санкции. За мене, ова е јасен доказ дека Путин сериозно не сака мир, тој одолговлекува“, изјави Кир Стармер -премиер на Велика Британија.

Откако соопшти дека нема големи очекувања од преговорите додека не се сретне со Путин, Трамп сега вели сака што е можно поскора средба за да заврши ова.

„Мислам дека е време едноставно да го направиме тоа. Сите велеа дека Путин и Зеленски ќе дојдат, но реков ако јас не дојдам, гарантирам дека Путин нема да дојде. И не дојде, го разбирам, но ние ќе го направиме тоа, 5 илјади млади луѓе гинат неделно, и ќе го завршиме тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Мировните преговори меѓу Киев и Москва се претворија во долго исчекување откако Путин без објаснување не дојде, а Зеленски одби да седне на маса со руската делегација која според него не е компетентна да носи одлуки. Ова се први директни преговори од почетокот на војната кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но без мировен договор.

 

Бојана Крстевски