Куманово

Нема ни трага ни глас од исчезнатото 15-годишно момче

13.08.2014 16:41

Според зборите на неговиот татко момчето отишло да јаде и не се вратило. Го пребарале целиот регион наоколу, не го нашле, а негиот телефон веднаш бил исклучен...

Пети ден како нема ни трага ни глас од 15 годишниот Ренато Џељадини кој во саботата исчезнал во близина на кумановската депонија Краста каде што помагал на родителите во собирање пластични шишиња. Според зборите на неговиот татко момчето отишло да јаде и не се вратило. Го пребарале целиот регион наоколу, не го нашле, а негиот телефон веднаш бил исклучен.

„Беше пладне кога се спушти долу кај приколката и ние помисливме дека детето отиде да јаде. Гледаме го нема да се врати, се стрчавме со мајка му и го викавме, Ренато, Ренато, но тој не се јавуваше“, вели таткото на Ренато, Рушат Џељадини.

Ренато бил мирно и повлечено момче, немал и расправии со никого и досега не му се случило да замине некаде без да им се јави на родителите.

„Дали ќе излезеше до продавница или ќе појдеше некаде да прошета до кај роднините обавезно ни се јавуваше. Сега го нема, не се јавува еве пети ден по ред“, додава  мајка му Перјан.

Случајот е пријавен во полицијата која заедно со роднините го пребарала околниот терен. Од МВР додават дека засега не може да се констатира дали детето е киднапирано и апелират дека доколку некој го забележи Ренато веднаш да пријави. На денот кога исчезнал, бил облечен во црни тренерки и црна мајца, а на нозете носел кратки гумени чизми.

Инаку  ова е трет случај по ред на исчезнато ромче во Кумановско.

Дени Мемеди и Мирсада Хелдовиќ се ромчињата кои исчезнаа пред 4 години под сомнителни околности. Полцијата се уште трага по нив.

Габриела Димковиќ