Охрид

Езерската полиција гарант за безбедноста на водата

17.05.2025 11:30

Езерската полиција е клучен фактор за безбедноста на вода. Припадниците на полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ деноноќно патролираат долж езерската граница кон Албанија, но во истовреме вршат контроли на пловните објекти во езерото, а се грижат и за заштитата на Рибниот фонд.

Ова е само дел од секојдневието на припадниците на езерската полиција кои покрај за заштитата на македонските територијални води во Охридското Езеро, се гарант на безбедноста во вода, на пловните објекти и луѓето што пловат во нив, но и на капачите.

„Езерската полиција си ја брка работата како што не било досега. Луѓево си ја тераат како што треба работата, само треба уште поригорозни да се“, изјави Номче Матов-сопственик на катамаран.

„Што кажа колегата, значи ова во последно време водната полиција прави позачестени контроли и мислам дека е правилно“, изјави Ирак Каневче-сопственик на катамаран.

„Во моментов заедно со полициските службеници од Езерската полиција вршиме граничен надзор на сината граница во водите на Охридското Езеро кон Албанија во должина од 23,5 километри. Контролите се интензивни, се вршат кон пловните објекти и се разбира целта е да се придонесе за одржување на понатамошна стабилна и поволна безбедносна состојба во езерските води“, рече Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Од почетокот на годинава езерската полиција има извршено 33 акциски контроли при што како најчести прекршители на законот се рибокрадците.

„Одземени се 180 мрежи во вкупна должина од околу 10 километри, пронајдени се 500 парчиња најразновидна риба. Откриени се 3 кривични дела за незаконит риболов и 47 прекршоци согласно законот за рибарство и аквакултура“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Покрај со рибокрадците во изминатиот период езерската полиција успешно се справуваше со лица коишто нелегално влегувале во македонските територијални води и со помал број луѓе кои се обиделе да шверцуваат разновидни видови роба.

 

Сашо Нелоски