Реакции: Воздржување од секакви провокации кои не водат кон решавање на проблемот со името

13.08.2014 16:52

Во Грција се води истрага за случајот, но малку е веројатно дека некој од грчките војници ќе биде санкциониран...

Грчкиот амбасадор во Скопје денеска повторно бил повикан на средба во МНР, со заменик- министерот за надворешни работи Драгана Кипријановска. Иако средбата се опишува како средба на запознавање, сепак станало збор и за последната провокација сo грчките војници коишто скандираа дека ќе ја пијат крвта на Турците, Македонците и на Албанците.

Холандија смета дека е од клучна важност за мирната и просперитетна иднина на Република Македонија, регионот и Европа, прашањето со името да се реши што е можно поскоро, со највисок приоритет, коментира амбасадорката Мариет Шурман.

„Во тој поглед, очекуваме и ги поттикнуваме двете држави да се воздржат од каква било акција, коментар или дискурс кој не води кон изнаоѓање заемно прифатлив компромис. Ги охрабруваме двете држави да го решат билатералното прашање преку директен и конструктивен дијалог, во духот на меѓусебната доверба и добрососедските односи“, велат од Холандската амбасада.

За скандалозното видео на грките војници, од Британската амбасада со кус коментар:

„Обединетото Кралство се надева дека прашањето за името ќе се реши што е можно поскоро. Дотогаш, се надеваме дека сите страни ќе се воздржат од секакви дејствија и коментари кои не придонесуваат кон напорите за приближување до решение.“

Во понеделникот МНР му врачи протестна нота на шефот на канцеларијата за врски на Грција. По средбата, тој даде објаснување за случајот. 

„Нашите власти истражуваат да видат што навистина се случило зошто досега имаме видео на ’Јутјуб’, што не е ништо автентично и проверено. Истрагата ќе покаже што се случило, каде и кога се случило.  Истрагата е во тек. Но, сакам да нагласам и тоа го кажав и во МНР, е дека она што го видовте на видеото и што го чувте, не го претставува во никој случај офицјалната позиција на грчката влада, на грчката армија и чувствата на грчкото опшество кон граѓаните на вашата земја и вашата земја“, истакна Лалакос за МТВ.

Во Грција се води истрага за случајот, но малку е веројатно дека некој од грчките војници ќе биде санкциониран. И во претходните провокации тие поминаа само со опомена.

 

Ирина Гелевска