Интеграции

Билатералните прашања да не бидат камен на сопнување

16.05.2025 17:15

Унапредувањето на билатералните односи, реафирмирање на австриската поддршка на македонската интеграција во Европската унија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања, беа во фокусот на разговорите меѓу двајцата министри...

Билатералните прашања да не бидат камен на сопнување. Македонија е дел од Европа и ние сме сериозни кога велиме дека не сме комплетни без вас, порача шефицата на австриската дипломатија Беате Мајнл-Рајзингер, која допатува во Скопје. Австриската министерка по средбата со колегата Муцунски, рече дека Македонија имала фрустрирачки моменти на патот кон ЕУ и оти процесот за нас е навистина многу долг.

„Оваа држава има направено многу, секако дека сте имале и фрустрирачки моменти на тој пат, процесот е навистина многу долг и ние забележуваме од страна на ЕУ дека имаме обврска да почувствуваат граѓаните на оваа држава дека сме сериозни на овој пат и поради тоа се залагаме за градуелната интеграција во ЕУ и сакаме да почувствувате дека ве поддржуваме“, рече австриската шефица на дипломатијата која е во официјална посета на Скопје.

Министерот Муцунски, пак, рече дека планот А е полноправно членство во ЕУ и тој план државата треба да го изоди.

„Меѓутоа, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, односно билатералните прашања да останат билатерални и не прифаќаме решение по секоја цена. Ние сме прва земја во регионот којашто потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега во актуелниот контекст се покажува како многу значајно. Земја лидер согласно став на високи претставници на ЕУ во делот на имплементација на Реформската агенда која е интегрален дел од Планот за раст“, рече Муцунски.

Австриските дипломати велат дека Македонија треба да изоди уште неколку чекори до нејзината цел – отворање на пристапниот процес на преговори со ЕУ.

Ова е прва посета на Рајсингер на нашата земја по стапувањето на функцијата министер за европски и меѓународни работи на Австрија на 3 март 2025.

Борис Грујоски