Првите резултати за истрагата во Кочани се очекуваат следните неколку дена
Првиот извештај од распити и сведоштва од трагедијата во дискотеката „Пулс“ се очекува идната недела. Семејствата на настраданите со повик правдата да стане реалност а не замислена утопија. Четворица од повредените од странство се враќаат дома...

Првите прелиминарни резултати за истрагата во Кочани се очекуваат следните неколку дена. Обвинителството ќе го обелодени извештајот од распити и вештачења на тимот кој постапува за страшниот пожар во дискотеката „Пулс“. Од Обвинителство велат дека во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
„Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите коишто имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата. Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб-страницата на јавното обвинителство e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата.“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Во овие два месеца хуманоста исчезна, а политичарите се впуштија во препирки. Семејствата на загинатите и повредените од несреќата во Кочани беа оставени сами. Велат од движењето „Кој е следен“. Бараат правдата да стане реалност а не само далечна и замислена утопија. Ги повикаа граѓаните утре да ја покажат својата солидарност и да се приклучат во поддршка на маршот на ангелите во 16 и 5 часот во Кочани.
„Добив втора шанса за живот“, се огласи повредениот гитарист на бендот ДНК, Горан Тонев на социјалните мрежи.
„Му благодарам на бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата „Папаниколау“ во Солун за неизмерната грижа и за негата што ми ги дадоа. Исто така, сакам да му се заблагодарам и на персоналот во Кочани и во Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели што се молеа за мене“, стои во објавата на Тонев.
Четворица пациенти од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, во странски медицински центри остануваат уште 11 пациенти, соопштуваат од Министерство за здравство.
Ќе бидат задржани под опсервација на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Еден од пациентите пристигна во тек на вчерашниот ден од Софија, двајца пациенти се враќаат денеска од Белград, а четвртиот пациент треба да пристигне утре од Софија. Пациентите кои се лекуваат во странство се во стабилна состојба.
Ана Јосифовска
