Кривичен суд

Во Кривичниот суд во Скопје ново рочиште за двојното убиство, Обвинителството достави дополнителни докази

16.05.2025 16:12

Во Кривичниот суд продолжи доказната постапка за убиствата на велешанецот Панче и младата Вања. Бранителите на Палевски бараат вештачење на пронајдената чаура, а Обвинителството обелоденува дека дента кога било планирано убиството на Ѓорчевска, обвинетите се враќале да ја земат лопатата бидејќи ја заборавиле. И на ова рочиште беа презентирани страшни докази за двојното убиство …

Обвинетите однапред се подготвувале да извршат убиство, а не само грабнување на детето Вања Ѓорчевска, ова Обвинителството го поткрепува со видеоматеријалот од безбедносниот систем на Манев, кој веќе беше изведен пред судот. Тоа е спротивно на нивната одбрана изнесена на главната расправа – рече обвинителката Ана Димитриеска-Стојковиќ.

И адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, сака да предложи дополнителен доказ кој ќе ја потврди одбраната на Александар од истиот материјал.

Палевски рече дека се противи генерално на сите обиди на Јавното обвинителство во дополнителна доказна постапка „да манипулира и да вештачи на лице место, а не се вештаци, туку се обвинители“ и адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски приговараше дека Обвинителството се обидува да го измени времето на снимките од куќата на Велибор, бидејќи при нивната презентација на овој доказ рекле дека тоа е реално.

Претходно и бранителите на обвинетиот Боре Видевски рекоа дека неговиот клиент има обезбедена писмени изјави од сведоци дека критичните денови на убиството бил на работното место во Велес.

Судењето продолжува следната недела.

 

Игор Панов