Два часа мировни преговори меѓу Москва и Киев
Истанбул-местото на надеж за ставање конечен крај на војната во Украина. Москва и Киев по три години седнаа на заедничка маса, во посредство на Турција. Двете страни договориле размена на воени заробеници. Трамп бара лично да се сретне со рускиот претседател, а се согласува и Кремељ...

Првите директни мировни преговори меѓу Русија и Украина по повеќе од три години траеја помалку од два часа, без очигледни знаци за напредок во намалувањето на јазот меѓу страните. Двете страни договориле размена на воени заробеници.
„Во наредните денови ќе се одржи размена на затвореници од големи размери – 1.000 за 1.000 луѓе. второ, украинската страна побара директни разговори меѓу шефовите на државите. Го разгледуваме ова барање“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.
Украински извор барањата на Москва ги нарече „без почеток“, а за руската делегација посочи оти нема мандат да носи сериозни одлуки. Путин сепак не дојде во Истанбул, а Зеленски замина за Тирана.
„Приоритет број еден на агендата на украинската делегација е целосен, безусловно и траен прекин на огнот. Ова ќе послужи како индикатор за подготвеноста на руската страна за конструктивен дијалог. Украина, од своја страна, е подготвена за таква работа во Истанбул“, изјави Георги Тики, портпарол на Министерството за надворешни работи на Украина.
За шефот на НАТО, Путин направил грешка што испратил делегација од пониско ниво. Британија, пак, потегот го оценува како јасен доказ дека Русија не сака мир.
„Путин направи грешка со испраќањето делегација од ниско ниво, овој историчар ја предводеше нивната делегација на разговорите во 2022 година. Топката сега е очигледно на нивниот терен. Мора да биде сериозен во желбата за мир. мислам дека целиот притисок сега е врз Путин“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„Денес повторно ќе работиме на тоа за да бидеме јасни дека мора да има прекин на огнот, но и јасни дека, ако нема, ќе дејствуваме со санкции. за мене, ова е јасен доказ дека Путин сериозно не сака мир, тој одолговлекува“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Откако соопшти дека нема големи очекувања од преговорите додека не се сретне со Путин, Трамп сега вели сака што е можно поскора средба за да заврши ова.
„Мислам дека е време едноставно да го направиме тоа. сите велеа дека Путин и Зеленски ќе дојдат, но реков ако јас не дојдам, гарантирам дека Путин нема да дојде. и не дојде, го разбирам, но ние ќе го направиме тоа, 5 илјади млади луѓе гинат неделно, и ќе го завршиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Несомнено, интеракциите меѓу претседателот Путин и Трамп имаат значителна тежина во контекст на решавање на украинскиот конфликт. Се согласуваме со оваа теза-соопштија од Кремљ. Мировните преговори меѓу Киев и Москва се претворија во долго исчекување откако Путин без објаснување не дојде, а Зеленски одби да седне на маса со руската делегација која според него не е компетентна да носи одлуки. Ова се први директни преговори од почетокот на војната кога се одржаа неколку состаноци во Турција, но без мировен договор.
Миле А. Ристески
