На 21 август почнуваат Струшките вечери на поезијата
На 21 август почнува 53-то издание на најреномираната манифестација Струшки вечери на поезијата, а ќе трае до 26 месецов.

За најстариот поетски собир во светот наскоро ќе пристигне и годинашниот лауреат, јужнокореецот Ко Ун. Струшките вечери на поезијата секоја година се збогатуваат со нови содржини, оваа година давајќи им повеќе простор на младите македонски поети.
„Низ изминатите 53 години, манифестацијата опстојувала на сите згодни и незгодни моменти, се обидувала да го следи чекорот и кај нас и во светот“, рече Славе Ѓорго Димоски претседател на управниот одбор на СВП.
Ќе има промоција на интермедијални проекти, музичко – поетски перформанси, визуелна поезија. Годинава акцент ќе се стави на македонската поезија и нејзината промоција во светот преку омажите на значајните македонски поети, основоположници на современата македонска поезија.
„Од година во годна тежнееме да внесеме некои новитети. Она што преставува значајна промена во одн на претходните години е тоа што и даваме посебенакцент на македонската поезија, на нејзина промоција пред нашите гости од странство“, рече Мите Стефоски, директор на СВП.
На фестивалот ќе се прикажуваат и поетски филмови, а ќе се одржи и летен саем на книгата. Заедно со УНЕСКО, ќе се доделува наградата “Мостови на Струга”, а едно од најзначајните изданија годинава ќе биде антологијата на словачката поезија. Ќе присуствуваат поети од Австралија, Египет, Иран, Бразил. Манифестацијата завршува на 26-ти август.
Александра Перевска
