По директните преговори во Истанбул продолжија нападите
Вчера, Киев и Москва во Истанбул преговараа за прекин на огнот, денеска Украина извести за смртоносен напад со беспилотни летала во регионот Суми. Најмалку деветмина загинати. Состанок меѓу Путин и Зеленски е можен, но по исполнување на одредени резултати, велат од Кремљ. Францускиот претседател дециден, ако не се постигне договор за траен прекин на огнот, санкциите мора да се засилат...

Воените дејствија во Украина продолжија. Регистрирани жртви и повредени откако со беспилотни летала беше нападнат автобус во регионот Суми на североистокот. Руското бомбардирање во овој крај се интензивираше откако украинските сили беа протерани од Курск, кој се наоѓа спроти Сумската област.
„Непријателот продолжи со намерно уништување на нашето цивилно население во Сумскиот регион. Нападот беше извршен наводно со употреба на дрон, врз патнички автобус што превезуваше цивили“, изјави Ихор Ткаченко, началник на воената администрација на Суми.
„Нашиот автобус на релација Билопиља-Суми првезуваше луѓе кои требаше да се евакуираат. Автобусот беше обележан како обичен автобус, рутата беше напишана со големи букви, па затоа е невозможно да се каже дека некој направил грешка или бил помешан со нешто друго“, изјави Јуриј Жарко, градоначалник на Билопиља
Нападот доаѓа еден ден по преговорите меѓу Киев и Москва во Истанбул. Не беше постигнат договор за прекин на огнот. Украинската и руската делегација се договори единствено за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни, а разговараа и за потенцијална средба меѓу претседателите Зеленски и Путин.
„На темата за можна средба меѓу претседателите на двете земји, Украина и Русија, Зеленски и Путин, би сакал да разјаснам. Таква средба, како резултат на работата на делегациите на двете страни, по постигнување одредени договори на овие делегации, е можна. Но токму како резултат на работата и по постигнување одредени резултати во форма на договори. Во исто време, при потпишувањето на документите главната и фундаментална работа за нас останува кој точно ќе ги потпише овие документи од украинска страна“, изјави Дмитриј Песков, портпарол ан Кремљ.
Санкциите врз Русија мора да се засилат доколку не се постигне напредок во преговорите за прекин на огнот, дециден е францускиот претседател Макрон.
„Русите ветија дека ќе се обратат на украинската страна во врска со предлозите што беа дадени за време на разговорите. Значи, во оваа фаза треба да бидеме претпазливи. Второ, ние сме доследни во тоа да кажеме дека ако одговорот на прекинот на огнот остане негативен, ќе треба да одговориме и затоа ќе треба да ги засилиме санкциите. Тие моментално се разработуваат меѓу Европејците и Американците“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Разговорите во Истанбул беа првите директни преговори меѓу Русија и Украина во последните три години, од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Маријана Димовска
