Политика

Препукувања во албанскиот политички блок

17.05.2025 17:45

Продолжуваат превирањата и обвинувањата во албанскиот политички блок по оставката на функцијата министер за здравство, Тараври излезе со став дека „Вреди“ е игнорирана од владата, а Алијанса за Албанците не е навикната да биде само декорација. Ахменти побара одговор од Мицкоски зошто се менува законот за јазиците, од „Вреди“ му порачаа дека ДУИ се движи кон бездна.

Алијанса за Албанците не е навикната да биде само декор во владата, затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните – Арбен Таравари ги појасни причините за неговото заминување од Владата. Говорејќи за еден албански медиум вели, имавме зацртани точки кои не успеваме да ги исполниме.

„Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати да бидеме во владата и да бидеме само декор. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните и да разговараме со нив, со цел да се подготвиме за локалните избори што треба да се одржат во октомври оваа година. Пет месеци сме пред локалните избори и мислам дека партијата треба да се мобилизира бидејќи за нас е многу важно да извојуваме победа“, изјави Арбен Таравари – Алијанса за Албанците.

Во пресрет на локалните избори партиите ја заоструваат реториката. Лидерот на интегративците на собир со граѓаните го праша премиерот Мицкоски, зошто го менува Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договор.

„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30 отсто, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста не држеа потиснати, исплашени, протерани – но тоа заврши. Денес, Албанците имаат три универзитети и илјадници професионални кадри. Ниту една сила не може да ја сопре оваа реалност!“, изјави Али Ахметипретседател на ДУИ.

Од коалицијата „Вреди“ преку соопштение велат дека ДУИ се движи кон бездна, Ахмети го доживува политичкиот крај и ги повикаа сите гласачи на алијанса за Албанците кои се чувствуваат предадени да им се приклучат.

„Употребата на Арбен Таравари не е ништо повеќе од најнов обид да се создаде димна завеса, да се одвлече вниманието од падот на ДУИ и тешките одговорности што ги носи нејзиниот лидер“, соопштија од Влен.

Освен Арбен Таравари кој оставката ја достави пред два дена, досега ниту еден министер или заменик нема поднесено оставка.

 

Андријана Ѓурческа