Кочани

„Марш на ангелите“

17.05.2025 19:55

Тишината говори најгласно – родителите и блиските на жртвите не се откажуваат од правдата. Во Кочани и денеска маршираше болката. Барања за забрзана истрага и подобри услови за лекување на повредените...

Шеста сабота по ред долга поворка на блиски на жртвите од трагедијата во Кочани го одат „маршот за ангелите“ за да ја споделат тагата и да се изборат за правда. Кочанчани бараат правда за жртвите, но и квалитетно лекување на повредените.

Блиски на жртвите од несреќата во Кочани и денес го одеа „Маршот за ангелите“. На два месеци од трагедијата и оваа сабота силно одекна молкот во Кочани. Без јавни обраќања, со пишани пораки ги потсетија надлежните дека очекуваат правда и строги санкции за сите кои придонеле да се случи трагедијата. Изразија разочараност од пратениците, посебно од третата изборна единица. Во Кочани владее тага, но и загриженост на граѓаните за квалитетот на лекувањето на повредените кои се вратија од странство.

Во кочанската болница за овие пациенти адаптирани се простории на одделенијата за неврологија и хирургија. Физикалната терапија ја реализираат двајца физијатри и шестмина физиотерапевти, а преврски за пациентите со изгореници прават двајца хирурзи, медицински сестри и инструментарки, со помош на лекарски тим за пластична хирургија од Скопје.

 

Славица Величковска