Македонија

Семејното насилство зема замав

18.05.2025 10:27

Семејното насилство во последните години зема замав, жртвите најчесто се жени, кои заради институционалната нефункционалност и негрижа, стравуваат да побараат помош и со години се принудени да живеат под ист покрив со насилникот. Според адвокатката Катерина Котевска-Стисниовска, најчести причини за насилство се тешката материјална состојба на сторителот, како и зависностите од алкохол, дрога и коцка. Покрај бесплатната правна помош која жртвите можат да ја добијат, потребно е и соодветно згрижување, но и финансиски надомест за жртвите по напуштањето на насилната средина. Како и итни измени во законот.

По шест години психичко, физичко и финансиско насилство, 38 годишната битолчанка, откако добила закана по својот живот, решила помош да бара преку институциите. Била принудена заедно со своите две малолетни деца, да го напушти сопствениот дом, за кој како што вели самата го отплаќала кредитот. Две ипол години талкала низ лавиринтите на институциите, за конечно по изрекување на пресудата, да најде спас.

Според адвокатката Котевска-Стисниовска-чија специјалност е семејно право и семејно насилство, несериозниот пристап од страна на институциите кон решавање на оваа проблематика како и благите казни за сторителите, се најголем проблем за зголемување на оваа појава. Многу често пријавите од жртвите каде има елементи на семејно насилство, завршуваат само како писмено предупредување кое нема никаков ефект врз сторителот, а во најголем случај жртвите под притисок ги повлекуваат пријавите. Потребни се итни измени во законот.

Покрај бесплатната правна помош која можат да ја добијат од Центарот за социјални работи или од адвокат по сопствен избор, потребно е државата да обезбеди финансиски надомест кој е неопходен за една жртва по напуштање на насилната редина.

Според ЦСР Битола во 2024, регистрирани се вкупно 72 жртви на семејно насилство, од кои 35 жени, 11 мажи и 26 деца. Од почетокот на оваа годината има 16 пријави-од кои 10 жени, двајца мажи и 4 деца.

 

Александра Максимовска