Романија

Претседателски избори во Романија

18.05.2025 11:57

Десничарот Симион или прозападниот центрист Дан – Романците избираат меѓу двајцата претседателски кандидати на повторениот втор круг од изборите кои имаа висок ризик за промена на геополитичката насока на земјата членка на Европската унија и на НАТО.

Екстремно-десничарот Симион или прозападниот центрист Дан – Романците избираат меѓу двајцата претседателски кандидати на повторениот втор круг од изборите кои имаа висок ризик за промена на геополитичката насока на земјата членка на Европската унија и на НАТО. Последните анкети покажуваат мртва трка меѓу евроскептикот Симион кој во првиот круг освои над 40 насто од гласовите, наспроти неговиот опонент, актуелниот градоначалник на Букурершт, Дан кој имаше повеќе од 20 проценти. И двајцата претседателски кандидати се појавија на избирачките места и гласаа.

„Гласав против неправдата што им се нанесува на романскиот народ, против нееднаквостите и понижувањата што ги претрпеа нашите сестри и браќа и тука и во странство, гласав против злоупотребата и сиромаштијата, против оние што нè игнорираат сите нас, но гласав и за нашата иднина за којашто треба да одлучат само Романците“, изјави Џорџ Симион – лидер на партијата АУР.

„Ова не ми е прва кампања и никогаш не правам предвидувања однапред. Романците ќе одлучат. Постои голема надеж за системски промени, но сè зависи од тоа што ќе се случи денеска“, изјави Никушор Данпретседателски кандидат.

Енормната корупција во земјата предизвика голем гнев кон романскиот политички естаблишмент што доведе до пораст на поддршката за екстремно-десничарските партии. Големиот број Романци бараа да се случат тектонски промени во земјата. Предизборната кампања и на двајцата кандидати главно беше насочени кон повозрасната популација.

„Сакам се да се промени, сакам овие политичари да си одат за да не слушам повеќе за нив, сакам системот да се промени во целост. 35 години се доволни, погледнете каде не доведоа“, изјави гласач.

„Цел живот гласав и имав надеж дека нешто ќе се подобри, но многу малку е направено од сето она што го посакував, разочаран сум, но треба да продолжиме напред“, рече гласач.

Политичкиот пејзаж во Романија беше целосно изменет во минатата година кога највисокиот суд ги поништи претходните избори, откако победата уште во првиот круг ја однесе аутсајдерот, крајнодесничарот Калин Георгески. Тогаш судот обвини за изборни прекршувања и руско мешање во изборите, што Москва го негираше.

 

Маја Стојанова