Изборна недела во три европски земји
Три европски земји вчера излегоа на избори. Со еден од најголемите гласачки пресврти, Романија доби нов проевропски претседател. Тесна предност за левичарите пред десничарите на претседателските избори во Полска. Двајца кандидати со сосема спротивставени гледишта ќе си ги одмерат силите во вториот круг на први јуни. на парламентарните избори во Португалија конзервативците повторно победија, но без мнозинство гласови. Португалците веројатно ќе се соочат со уште една нестабилна малцинска влада.

Изборната недела во Европа мина мирно, но и со неочекувани изборни резултати.. Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, е победник на претседателските избори во Романија. Резултатот е голем пресврт во однос на првиот круг, кога освои двојно помалку гласови од противкандидатот, крајнодесничарскиот популист и евроскептик Џорџе Симион од националистичката партија Алијанса за обединување на Романците.
„Ова е ваша победа, ова е победа на илјадници луѓе кои водеа кампања овие денови, кои веруваа дека Романија може да се промени во вистинската насока. Никогаш не заборавајте на силата што ја покажавте овие недели, бидејќи заедно ќе ни треба кога ќе имаме работи што ќеб треба да ги надминеме“, изјави Никусор Дан, новоизбран за претседател на Романија.
Полска, пак, на први јуни ќе гласа во вториот круг за избор на нов претседател. Тесна предност имаат левичарите пред десничарите. Неизвесен дуел следува меѓу Рафал Тшасковски од владејачката центристичка Граѓанска коалиција и Карол Наврок, кандидат поддржан од националистичката партија Право и правда.
„Гарантирам соработка со владата, бидејќи денес, во овие тешки времиња, навистина ни е потребна соработка. Ни треба мир во земјата. И нека не ве залажува она што го гледате, бидејќи мојот главен конкурент, Карол Наврок е екстремен политичар. Ова не е Анджеј Дуда, дами и господа. Мојот конкурент е радикален и конфликтен“, изјави Рафал Тшасковски - претседателски кандидат на партијата Граѓанска коалиција.
Наврок предупреди на опасноста владејачката коалиција на премиерот Доналд Туск да добие монопол на власта.
„Премиере, ајде да се погрижиме во овој втор круг избори, полјаците да можат да го изберат својот претседател на фер начин. Мојот повик е вториот круг избори да биде фер. Се справувам со сето ова шест месеци и ќе се справувам со тоа уште две недели“, изјави Карол Навроцки, кандидат за втор круг од претседателските избори.
Актуелната централно-десничарска Демократска алијанса победи на општите избори во Португалија, но неа успеа да обезбеди мнозинство во парламентот. Лидерот на Социјалистичката партија го призна поразот и поднесе оставка.
„Европа минува низ период на неизвесност кој бара стратешки одлуки. Светот е опасен, со огромни геополитички, хуманитарни и комерцијални предизвици. Португалија не е имуна на надворешниот притисок“, изјави Луис Монтенегро, лидер на Демократската алијанса.
Третите општи избори за три години ги урнаа надежите дека гласањето може да стави крај на најлошата политичка нестабилност во земјата на ЕУ со 10,6 милиони жители.
Маријана Димовска
