Елвин Куртовиќ, кој заработи доживотен затвор, повторно на обвинителна клупа
Во Кривичниот суд продолжи судењето за обвинетиот Елвин Куртовиќ, кој е осуден на доживотен затвор за убиството кај „Мавровка“. Тој денеска седна на обвинителна клупа за да му се суди за обид за убиство на полицајците кои сакале да го приведат...

Пукал, ама немал намера да ги убие полицајците кои сакале да го приведат. Обвинетиот за убиството кај Мавровка, Елвин Куртовиќ првостепено осуден на доживотна робија, не се чувствува виновен за обид за убиство на полицајци, ниту за нелегално поседување оружје.
Во раздвоената постапка беа сослушани полицајците кои обвинетиот ги имал на нишан. Не бараат отштета, но сакаат да му се изрече максималната казна. Според нивните искази пред судот, лани на 20-ти август четворицата полицајци по радио врска добиле известување дека кај Мавровка има убиство па пошле во потрага по осомничениот. Го пресретнале во визило ауди, кај училиште во Чаир. Обвинетиот Куртовиќ излегол од совозачкото седиште и почнал да пука кон нив. Полицијата испукала предупредувачки истрели, по што обвинетиот го фрлил оружјето, почнал да бега, но бил совладан.
Куртовиќ претходно призна вина и беше осуден на доживотен затвор за убиството на 59-годишниот бизнисмен Васил Ефтимов.
Анита Димитријевска – Велковска
