До манастирот „Св. Јован Бигорски“ по новоасфалтиран и поширок пат
Дополнителен сјај за манастирот Свети Јован Бигорски. Покрај обновените и новоизградените делови, сега комплетно е обновен и патот до него со инвестиција од 9 милиони денари. Манастирот и денеска беше преполн со домашни и странски туристи.

Мирот, убавината, природата во манастирот Свети Јован Бигорски и денеска привлекоа бројни домашни и странски туристи. Дополнително уживање за нив е свежината во реканскиот крај која е одлична замена за топлите градови.
„Имам пријатели во Скопје кои секогаш доаѓаат кајмене во Германија, овој пат решивме јас да дојдам тука. Овде се слуша и течението на реката, што многу ме смирува“, вели туристка од Германија.
„Сега сигурно ќе идат повеќе туристи по асфалтираниот пат“.
„Подобро да се движиме по патиштата, побезбедно“, велат анкетираните домашни туристи.
Пристапот до манастирот од сега е олеснат со комплетната обнова на коловозот од регионалниот пат Маврово – Дебар се до влезот во манастирот со должина од околу еден километар и широчина од ричиси шест метри.
„Со една цел, да биде зголемена безбедноста на сообраќајот и секако беше изведен и потпорен ѕид во должина од шеесетина метри“, рече Љупчо Георгиевски, директор на јавното претпријатие за државни патишта.
„Една соработка помеѓу општината и јавното претпријатие за државни патишта која успешно се рализира во нашата општина“, рече Мукрем Мехмеди, градоначалнк на општина Маврово – Ростуше.
За вицепремиерот Пешески покрај изградбата на автопатиштата, од голема важност е и обновата и изградбата на локалните и регионалните патишта со што се олеснува секојневното живеење.
„Само до 2010 година до сега се изградени локални патишта во вкупна должина од преку 640 километри“, рече вицепремиерот Владимир Пешевски.
Од Бигорскиот манастир се задоволни бидејќи сега на сите им е олеснет пристапот, а до него непречено ќе пристигнуваат и автобуси.
„Реконструкцијата на опожарениот горни палаб, којашто се направи со голема помош на Владата на Република Македонија, е веќе во завршна фаза“, рече отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.
Обновените, но и новоизградените делови во манастирот Свети Јован Богирски, како и обновениот пристапен пат, сега му даваат дополнителен сјај на ова вековно светилиште сместено во срцето на реканскиот крај.
Зоран Јованоски
