Кан

Македонскиот краток експериментален филм „ЛИМА“ на Канскиот филмски фестивал

19.05.2025 14:14

Филмот „ЛИМА“ е уште едно значајно достигнување на независната филмска сцена во Северна Македонија, и претставува спој на храбар уметнички израз и креативен труд.

Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот ќе има и својата затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај 2025 година, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.

„ЛИМА“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.

Филмот „ЛИМА“ е уште едно значајно достигнување на независната филмска сцена во Северна Македонија, и претставува спој на храбар уметнички израз и креативен труд.