Уставен суд остана без еден судија
Уставен суд ќе остане со една судијка помалку. Управен го поништи изборот на Елизабета Дуковска, а претседателот на Собранието, Африм Гаши, го извести надлежниот орган. За Уставниот суд ова е правен преседан и седницата за Законот за јазиците ќе биде одложена, бидејќи Дуковска е судија-известител. Сега Судскиот совет на потег, мора да ја повтори постапката за да се пополни нејзиното место...

Уставниот суд остана без еден судија, откако Управен ја уважи тужбата на членот на Судски совет, Антоанета Димовска, дека не била испочитувана законската процедура при утврдување на предлогот за член на Уставен суд за судијката Елизабета Дуковска.
Одлуката за поништување за надлежниот орган е преседан, кој создава правни импликации. Од Уставниот информираа дека поради ваквите чекори, подготвителната седница за Законот за јазиците, закажана во јуни, ќе биде одложена.
„Да се одложи подготвителната седница по предметот за законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, од причина што судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со пресудата на управниот суд е судија-известител на конкретниот предмет, а дополнително судот има донесено заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав на судот“, се вели во соопштението на Уставен.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, очекува новиот избор да биде согласно со законски утврдените процедури.
Должност на Судскиот совет е да постапи согласно со пресудата и препораките на Управниот суд, да ја повтори постапката и да достави нов предлог до Собранието, вели министерот за правда Игор Филков.
Поништувањето на изборна постапка Дуковска ја враќа на претходно работно место во Апелациониот суд Скопје.
Марина Стојанова – Тонева
