Британија и ЕУ ги ресетираат односите, потпишан договор за партнерство
Ние сме први соседи, а соседите треба да работат и да живеат заедно и што е можно поблиску, став на Стармер, Фон дер Лајен и Кошта. Во Лондон, Европската унија и Обединето Кралство постигнаа договор за патните исправи, за одбраната, за младите, за рибарството и за храната. По Брегзит во 2020 година, Кралството и Унијата се позиционираат пред изненадувачките предизвици на американскиот претседател, Доналд Трамп...

Лондон доби многу повеќе отколку планираше, за Брисел се унапредува безбедносната компонента на европската унија. Затоа, британските наменски компании ќе имаат пристап кон европскиот фонд за безбедносна акција вреден 150 милијарди фунти. Се оформува и безбедносен пакт меѓу Лондон и Брисел, ќе се споделуваат и разузнавачките информации. Во превод, Британците можат да произведуваат оружје, европјаните се во хендикеп за натамошна достава до Украина.
„Времињата се менуваат. Меѓународниот поредок е нападнат. Мултилатерализмот е на тест. Европската унија и Обединетото Кралство стануваат чувари на светскиот мир“, истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Според проценките на британскиот премиер Стармер, договорот овозможува вин-вин состојба, Лондон се враќа на светската сцена. Стармер го нарече преседан меѓу Британија и Европските сојузници.
„Доста е од политички дебати и препирки, време е да се сосредоточиме на заедничкото добро. Оттаму и овој договор, повторно заедно се соочуваме со светот“, порача Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
Миграцијата е во средиштето на партнерскиот договор. Преку Интерпол ќе се засилуваат заедничките акции против нелегалните доселеници.
„Заедно ќе ги откриваме криумчарите на мигрантите. Ќе ги штитиме нашите граници. Ја унапредуваме и заедничката соработка со трети земји, ова е наш приоритет за што сега е добредојден и Лондон“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,.
Олеснувањата за патување на британските државјани низ Европа се враќаат преку изедначувањето со жителите на Унијата. Европските рибари ќе имаат поголем пристап до британските води до 2038-та. Лондон ги враќа рибарските квоти, со Осло ќе се договараат на годишна основа. Тројцата лидери го повикаа Израел и Хамас веднаш да запрат со непријателствата.
Зоран Богатинов
