Работилница со светски реномираниот театролог Патрис Павис на ФДУ
На работилницата, организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, ќе учествуваат студентите од Факултетот за драмски уметности и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје. Темата на работилницата е театарската адаптација на недрамски текст, во случајов поглавјата на романот на Патрис Павис „Ти си поезија“...

Во четврток 22-ри мај со почеток во 19:00 часот, во Францускиот институт во Скопје ќе се одржи работилница, насловена „Ти си поезија“, со еминентниот француски професор и театролог Патрис Павис.
На работилницата, организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, ќе учествуваат студентите од Факултетот за драмски уметности и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје. Темата на работилницата е театарската адаптација на недрамски текст, во случајов поглавјата на романот на Патрис Павис „Ти си поезија“.
Светски реномираниот театролог и професор во пензија по театарски студии на најпрестижните универзитети на три континента, Патрис Павис, е автор на клучни книги од областа на теоријата на театарот, незаобиколни референци во доменот на театарските, книжевните и културните студии. Така, Речникот на театарот (1980) и Речникот на изведувањето и на современиот театар, ќе доживеат бројни реизданија и ќе бидат преведени на повеќе од 20 јазици. Овие речници, денес, се меѓу најкористените педагошки и научни прирачници за театарот во светот. Други поважни теориски книги на Патрис Павис: Проблеми на театарска семиологија (1976), Театарот на крстопатот на културите (1990), Современа театарска режија (2007), Анализа на спектаклите (1996), Анализа на драмските текстови (2016), Изведувајќи ја Кореја (2017).
Павис е автор и на неколку драмски пиеси, меѓу кои. Да се бакнеме во вишновата градина!(2014), Вања и Таа (2007), Моите три сестри (2007), како и на пиесата Посета во болница (2017), преведена на македонски јазик (Културен живот, бр. 1/2, 2025). Конечно, Павис е автор и на романот Ти си поезија (2021) преведен и објавен на македонски (Битола: Перун Артис, 2023).
