Телефонски разговор Трамп - Путин, во фокусот ставање крај на конфликтот во Украина
По повеќе од два часа заврши телефонскиот разговор Трамп-Путин. Во фокусот-ставање крај на војната во Украина. Шефот на Белата куќа претходно го брифираа четири европски лидери за високата цена на конфликтот кој трае над три години.

Телефонски разговор на линија Вашингтон-Москва. Повеќе од два часа траеше разговорот меѓу Трамп и Путин за изнаоѓање решение за мир во Украина. Шефот на Белата куќа разговорот го оцени како отворен и суштински, за Путин тој бил значаен, искрен и многу корисен. Рускиот лидер ја истакнал подготвеноста на Москва да работи на меморандум со Украина што вклучува прекин на огнот, потенцирајќи уште еднаш дека Русија се залага за мирно решавање на украинската криза, но дека едноставно мора да се одредат најефикасните начини за движење кон мирот.
Заменикот на Трамп, Венс претходно истакна дека САД се и повеќе од подготвени да се откажат ако видат дека Русија не сака да се вклучи во преговорите.
„Сакаме да видиме резултати, а првиот голем резултат што би сакале да го видиме е Русите и Украинците да стават вистински мировен предлог на маса. Втората работа е дека тие мораа да се согласат на разговори едни со други“, истакна американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс.
Дека Трамп е изморен и фрустриран од двете страни во конфликтот, претходно потврдија и од Белата куќа.
„Претседателот јасно стави до знаење дека неговата цел е да се постигне прекин на огнот и да се види крај на овој конфликт. Тој е уморен и фрустриран од двете страни во конфликтот. Заедно со неговиот тим вложија огромен напор во решавањето на оваа многу комплицирана војна која започна поради слабоста на претходната администрација‘, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Разговорот Трамп-Путин доаѓа неколку дена по неуспешните преговори во Истанбул, каде што Русија испрати делегација од функционери на ниско ниво и ги повтори широките територијални барања, вклучително и Украина да го прифати губењето на Крим и четирите делумно окупирани источни региони. По разговорот со Путин, се очекува Трамп да му се јави на украинскиот колега Зеленски. Главниот преговарач на САД, Виткоф изрази уверување дека дебатата ќе придонесе за утврдување како да се завршат почнатите преговори.
Бојана Крстевски
