Трамп оптимист дека преговорите Москва - Киев ќе почнат веднаш
Два часа траеше разговорот меѓу американскиот и рускиот претседател Трамп и Путин. Во фокусот беше војната во Украина, но напредокот до постигнување договор се чини далечен. Трамп е убеден дека Путин сака да ја заврши војната. Од Кремљ, пак, не отстапуваат од своето барања. Зеленски дециден – нема да ги повлечеме украинските војници од нашата територија...

Телефонскиот разговор Вашингтон Москва ги разоткри променливите ставови во мировните преговори за Украина. Иако Трамп првично тврдеше дека договор за прекин на огнот не е можен додека тој и Путин не разговараат, сега вели-условите за мир можат да се договорат единствено меѓу Русија и Украина, и можеби со помош на папата. Сепак, не го сокри својот оптимизам, објавувајќи дека преговорите ќе почнат веднаш.
„Тие ги знаат сите детали што никој друг не може да ги знае. Ова е единствениот одржлив начин за постигнување мир. Верувам дека Путин сака да го заврши ова. Верувам дека нешто ќе се случи. А ако не, јас само би се повлекол и тие ќе мора да продолжат. Секако, ова беше европска ситуација и требаше така и да остане“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од друга страна, Путин јасно стави до знаење дека не отстапува од своите барања за прекин на конфликтот. Русија и понуди соработка на Украина за изработка на меморандум за можен иден мировен договор, но секој договор ќе мора да ги реши коренските причини за војната-потенцираше Путин.
„Русија е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум во врска со можен иден мировен договор што ќе дефинира голем број позиции, вклучително и евентуален прекин на огнот за одреден период доколку се постигнат соодветни договори. Но, би сакал да напоменам дека, ставот на Русија е јасен-Главната работа за нас е да ги елиминираме коренските причини за оваа криза“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Зеленски вели дека е подготвен за натамошни преговори и сака состанокот да се одржи што е можно поскоро и тоа на високо ниво меѓу Украина, САД, Русија, ЕУ и Велика Британија. Сепак повтори дека украинските војници нема да се повлечат од териториите анектирани од Русија.
„Никој нема да ги повлекува нашите трупи од нашата сопствена територија. Тоа е моја уставна должност. Ако Русија постави услови за повлекување на нашите трупи од нашата земја, тоа значи дека тие не сакаат прекин на огнот и не сакаат војната да заврши, бидејќи јасно разбираат дека Украина нема да го стори тоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Важно е САД да останат ангажирани во процесот-истакна шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен откако шефот на Белата куќа ги информираше европските челници за текот на разговорите со Путин. Германскиот канцелар Мерц пак, нагласи дека Европа и САД се обединети во тесната поддршка за Украина на нејзиниот пат кон прекин на огнот, истакнувајќи дека Трамп и европските партнери се согласиле за следните чекори, за тесна координација на преговарачкиот процес и за одржување на дополнителен технички состанок.
Бојана Крстевски
