Блиски Исток

Израел дозволи влез на камиони со храна за бебиња во Газа

20.05.2025 09:26

Одлуката доаѓа по зголемениот притисок од сојузниците по што Нетанјаху попушти и даде зелено светло за влез на ограничени количини хуманитарна помош...

По повеќе од два месеци блокада, Израел соопшти дека дозволил влез на камиони со храна за бебиња во Газа. Одлуката доаѓа по зголемениот притисок од сојузниците по што Нетанјаху попушти и даде зелено светло за влез на ограничени количини хуманитарна помош. Испораките ќе продолжат само додека израелската војска и приватните компании не воспостават центри за дистрибуција според планот поддржан од САД, кој ОН го отфрлија. Од меѓународната агенција го пофалија потегот на Тел Авив, но велат дека не е доволен. Во истовреме Израел продолжува со проширената копнена офанзива против Хамас во Газа по што Велика Британија, Франција и Канада се заканија со санкции доколку Тел Авив не ги прекине дејствијата.

„По 11 недели целосна блокада и во услови на пораст на воената офанзива. Ова е добредојден развој на настаните што треба да останат во сила. Девет од нашите камиони беа пропуштени за влез, преку преминот Керем Шалом. Но, тоа е капка во морето од она што им е итно потребно на над 2 милиони Палестинци. За да се намалат грабежите, додаде тој, мора да има редовен проток на помош, а на хуманитарците мора да им биде дозволено да користат повеќе правци. Комерцијалните стоки треба да го надополнат хуманитарниот одговор“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.