Украина

Телефонски разговор Трамп-Путин

20.05.2025 10:17

Два часа траеше разговорот меѓу американскиот и рускиот претседател Трамп и Путин. Во фокусот беше војната во Украина, но напредокот до постигнување договор се чини далечен. Трамп се закани дека ќе прекине со иницијативите за преговори. Од Кремљ не отстапуваат од своите барања. Зеленски, пак, дециден – нема да ги повлечеме украинските војници од нашата територија...

Телефонскиот разговор Вашингтон – Москва ги разоткри променливите ставови во мировните преговори за Украина. Трамп не успеа да договори прекин на огнот со Путин, но најави дека преговорите меѓу Москва и Киев ќе почнат веднаш. Вели-условите за мир можат да се договорат единствено меѓу Русија и Украина, а ако не види напредок можно е да се повлече од процесот.

„Верувам дека Путин сака да го заврши ова. Верувам дека нешто ќе се случи. А ако не, јас само би се повлекол и тие ќе мора да продолжат. Секако, ова беше европска ситуација и требаше така и да остане“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Од друга страна, Путин јасно стави до знаење дека не отстапува од своите барања за прекин на конфликтот. По понудената соработка на украинската страна за меморандум за можен иден мировен договор, Путин дециден-секој договор ќе мора да ги реши основните причини за војната.

„Русија е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум во врска со можен иден мировен договор што ќе дефинира голем број позиции, вклучително и евентуален прекин на огнот за одреден период доколку се постигнат соодветни договори. Но, би сакал да напомнам дека, ставот на Русија е јасен-Главната работа за нас е да ги елиминираме коренските причини за оваа криза“, изјави Владимир Путин -претседател на Русија.

Од Кремљ додадоа дека рокот за примирје е невозможен бидејќи процесот на договарање на текстот меѓу двете страни е долг. Зеленски пак, е подготвен за натамошни преговори, сака состанок што е можно поскоро и тоа на високо ниво меѓу Украина, САД, Русија, ЕУ и Велика Британија. Но, повтори дека украинските војници нема да се повлечат од териториите анектирани од Русија.

„Никој нема да ги повлекува нашите трупи од нашата сопствена територија. Ако Русија постави услови за повлекување на нашите трупи од нашата земја, тоа значи дека тие не сакаат прекин на огнот и не сакаат војната да заврши, бидејќи јасно разбираат дека Украина нема да го стори тоа“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Важно е САД да останат ангажирани во процесот-истакна шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен откако шефот на Белата куќа ги информираше европските челници за текот на разговорите со Путин. Тие се согласиле за следните чекори, за тесна координација на преговарачкиот процес и за одржување на дополнителен технички состанок. Во истовреме, германскиот канцелар, Мерц најави дека европските лидери се согласиле да го зголемат притисокот врз Русија со санкции. Војната во Украина и 17-иот пакет санкции на агендата на министерскиот состанок на ЕУ во Брисел.

 

Бојана Крстевски