Ден на пчелите

Одбележување на Денот на пчелите

20.05.2025 12:48

Денеска е Светски ден на пчелите. Овогодишната тема за одбележување на денот е „Пчелите инспирирани од природата за да нè хранат сите“. Овој ден е само потсетник дека медот станува луксуз, а пчелите исчезнуваат – аларм кој сите го игнорираме. Климатската криза го одзема златото на природата …

Тони Димитриевски од Куманово е пчелар повеќе од 15 години. Вели дека климатските промени го загрозуваат опстанокот на овие важни инсекти. Медот се намалува, заработката опаѓа. Килограм домашен мед чини од 600 денари. Пчелите се најголеми опрашувачи и без нив 80 проценти од производите на тезгите на пазарите не би постоеле. Вели, има голем избор на медни производи, но како да се препознае што е вистински мед?

Атанаско Шишков од неготинско, вели дека едно семејство пчели во природа повеќе од една или две години не би опстанало доколку не постојат пчеларите. Нови болести и климатските промени ги убиваат пчелите.

Во зависност од регионот во кој се одгледува, постојат повеќе видови. Боров, шумски, багремов се најзастапени. Медот со генерации се користи како храна, но и лек.

Пчелите се тивки херои на природата, чија вредна работа често се занемарува. Светскиот ден на пчелите е важен за да размислиме за улогата на овие инсекти во нашите животи.

Зачувувањето на опрашувачите, особено домашните видови пчели е од клучно значење за безбедноста на храната и здравјето.

 

Александра Спировска