Украина

Телефонскиот разговор Трамп - Путин ги разоткри променливите ставови во мировните преговори за Украина

20.05.2025 14:05

Мировен процес или политичка илузија? САД, Русија и ЕУ заглавени во различни визии за крајот на војната. Преговорите на раб на нож, Трамп не успеа да го запре огнот, Путин останува цврст, Зеленски не отстапува...

Телефонскиот разговор Вашингтон – Москва ги разоткри променливите ставови во мировните преговори за Украина. Трамп не успеа да договори прекин на огнот со Путин, но најави дека преговорите меѓу Москва и Киев ќе почнат веднаш, а условите за мир ќе мора да ги договорат самите. Ако не види напредок, можно е да се повлече од процесот.

„Верувам дека Путин сака да го заврши ова. Верувам дека нешто ќе се случи. А ако не, јас само би се повлекол и тие ќе мора да продолжат. Секако, ова беше европска ситуација и требаше така и да остане“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.

Од друга страна, Путин јасно стави до знаење дека не отстапува од своите барања за прекин на конфликтот. По понудената соработка на украинската страна за меморандум за можен иден мировен договор, Путин дециден-секој договор ќе мора да ги реши основните причини за војната. Москва бара фер решавање на украинската криза-додаде Лавров.

„Русија е подготвена да соработува со украинската страна, но би сакал да напомнам дека, ставот на Русија е јасен-Главната работа за нас е да ги елиминираме коренските причини за оваа криза“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

„Гаранцијата дека овие цели ќе бидат постигнати е нашиот став за фер решавање на украинската криза создадена од Западот“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Зеленски сака преговори на високо ниво меѓу Украина, САД, Русија, ЕУ и Велика Британија. Но, повтори дека украинските војници нема да се повлечат од териториите анектирани од Русија.

„Ако Русија постави услови за повлекување на нашите трупи од нашата земја, тоа значи дека тие не сакаат прекин на огнот и не сакаат војната да заврши“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Лидерите на ЕУ одлучни за 17-иот пакет санкции кон Москва. Велат-Путин не сака мир, тој само купува време.

„Русија не се согласи да има целосен и безусловно прекин на огнот, затоа ќе извршиме поголем притисок. Ќе се согласиме за 17-тиот пакет санкции“, порача Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

„Путин очигледно сè уште си игра со време. Дури и ако Русија е подготвена да разговара за меморандум, сè уште нема прекин на огнот на повидок“, изјави Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.

Важно е САД да останат ангажирани во процесот-истакна шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен откако шефот на Белата куќа ги информираше европските челници за текот на разговорите со Путин. Тие се согласиле за следните чекори, за тесна координација на преговарачкиот процес и за одржување на дополнителен технички состанок.

Бојана Крстевски