Расчистување на долгови- причина за двојното убиство во Вевчани
Осомничениот за двојното убиство, поранешниот вевчански поштар, веќе 20 години не се појавувал во селото и бил во бегство поради големи коцкарски долгови...

Две лица се убиени, а уште двајца се повредени доцна синоќа во струшко Вевчани. За убиството е осомничен поранешниот поштар во селото. Тешкиот инцидент го потврди и полицијата, која го уапси убиецот. Според првичните неофицијални информации, причина за убиството била расчистување на долгови.
Осомничениот за двојното убиство, поранешниот вевчански поштар, веќе 20 години не се појавувал во селото и бил во бегство поради големи коцкарски долгови. Тој, пред неколку дена се вратил во селото. Синоќа во кафеаната Пјаца имал вербална расправија со сопственикот, а потоа и испукал повеќе куршуми од пиштол.
Двајцата тешко ранети се хопитализирани во струшката и во охридската болница „Свети Еразмо“.
„Вечерва се стигнати кај нас четворица повредени со огнено оружје, за жал двајца починаа иако дадовме се од интензивната нега од страна на анестезиолозите и хирурзите присутни. Третиот е во добра состојба, во стабилна состојба, има прострелна рана во абдомен, меѓутоа не е пенетрантна а четвртиот пациент е пренесен во Костозглобна со фрактура над левата надлактица исто со масивно крварење и како што слушнавме и тој е во добра состојба. За жал двајцата први починати беа со прострелни рани во градите со внатрешно масивно крварење и за жал иако е се дадено од наша страна, тие починаа“, изјави за МРТ специјалистот хирург од струшката болница Речи Лими.
