Културна дипломатија

Трет Форум за културна дипломатија во Скопје

20.05.2025 17:36

Културата како мост, не како алатка за моќ. Македонија ја зацврстува културната дипломатија во време на глобални кризи. Кога светот се дели, културата обединува. Македонија со порака за заедништво од Третиот форум …

„Културната дипломатија не е само средство за афирмација на националното културно наследство, туку и моќна алатка за градење мостови на разбирање и пријателство, особено во време на глобални предизвици“-посочи шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на Третиот Форум за дипломатија.

„Во време кога некои гледаат на културата како средство за геополитички цели, ние ја афирмираме како простор на соживот и заемно почитување. Европската идеја, чиј дел сме, е токму тоа – заедничка иднина изградена врз културна различност, отвореност и солидарност“, изјави Муцунски.

Поранешниот претседател Иванов ја посочи на важноста на интензивирање на културната дипломатија во време кога светот се соочува со војни. „Политика без култура е изгубена насока“ – вели Иванов.

„Затоа должни сме да ги отвораме не само умот, туку и совеста. Денес не треба само како политичари, дипломати, научници или уметници — туку како луѓе кои веруваат дека иднината мора да биде изградена врз основа на човечкото достоинство.“, изјави Иванов.

Поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Клаус со овации ја потврди важноста на дипломатијата и пријателството.

„Во мојот живот и политичко делување името на вашата државата неколку пати се менуваше, тоа не е невообичаено во Централна и источна Европа. Но за мене Е и ќе остане Македонија“, изјави Клаус.

Во рамки на форумот, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“, застапуван од д-р Иванов.

 

Марина Стојанова-Тонева