Украина

Трамп не успеа да договори прекин на огнот со Путин

20.05.2025 18:18

И натаму не се гледа крајот на војната во Украина. Патот кон мирот станува се потежок. Трамп не успеа да го запре огнот по разговорот со Путин, Зеленски дециден, не отстапува од териториите анектирани од Русија. Според ЕУ, рускиот претседател не сака мир, тој само купува време. Нов ден, нови санкции од Брисел за Москва...

Трамп не успеа да договори прекин на огнот со Путин, но најави дека преговорите меѓу Москва и Киев ќе почнат веднаш. Условите за мир ќе мора да ги договорат самите.

„Верувам дека Путин сака да го заврши ова. Верувам дека нешто ќе се случи. А ако не, јас само би се повлекол и тие ќе мора да продолжат. Секако, ова беше европска ситуација и требаше така и да остане“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Важно е САД да останат ангажирани во процесот-истакна шефицата на Европската комисија Фон Дер Лајен. Путин не сака мир, тој само купува време, колку подолго Русија води војна, толку посуров ќе биде нашиот одговор, став на лидерите на ЕУ.

„Русија не се согласи да има целосен и безусловно прекин на огнот, затоа ќе извршиме поголем притисок“, изјави Каја Калас – висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

Киев мора да одлучи дали ќе соработува во изготвувањето на меморандумот што треба да претходи на идниот мировен договор, велат од руското МНР. Шефот на Кремљ јасно стави до знаење дека секој договор ќе мора да ги реши основните причини за војната.

„Русија е подготвена да соработува со украинската страна, но би сакал да напомнам дека, ставот на Русија е јасен. Главната работа за нас е да ги елиминираме коренските причини за оваа криза“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Украинските војници нема да се повлечат од териториите анкетирани од Русија, дециден украинскиот претседател.

„Ако Русија постави услови за повлекување на нашите трупи од нашата земја, тоа значи дека тие не сакаат прекин на огнот и не сакаат војната да заврши“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Зеленски изрази отвореност кон понатамошни преговори на високо ниво со Русија, САД и европските земји и додаде дека тие состаноци би можеле да се одржат во Турција, Ватикан или Швајцарија.

 

Маријана Димовска