Ако не се реши аерозагадувањето, Македонија ќе продолжи да плаќа во човечки животи
Умираме од загаден воздух. Во Собранието надзорна расправа за аерозагадувањето учесниците со пораки, недостасуваат соодветни и континуирани мерки, низ годините наназад изгубивме драгоцено време во кое тапкаме во место заради преклопување на ингеренции на институциите наместо да влеземе во една заедничка стратегија и да се работи плански.

Македонија ќе продолжи да плаќа со човечки животи доколку не се преземат решителни чекори за намалување на аерозагадувањето. Со соодветна политика првите резултати може да се постигнат за три до пет години, а проблемот комплетно да биде решен за седум – порачаа невладините организации на надзорната расправа во Собранието. Потребна е само добра стратегија и координација помеѓу институциите.
„За да се справиме со аерозагадувањето не можеме само да таргетираме кон еден извор, туку мораме на сите извори да работиме паралелно. За сите извори се одговорни различни чинители, некаде индустрија, што значи таргетирање и контрола врз работата на индустријата, некаде транспорт, што значи треба да обезбедиме јавен транспорт, но најважно од се е фокусирање да обезбедиме алтернативни начини на греење на домаќинствата и на јавни објекти“, изјави Бојана Станојевска Пецуровска – Центар за климатски промени.
Македонија е на врвот во Европа по бројот на починати поради изложеност на ПМ 2,5 честичките – статистиката вели 303 лица на 100 илјади жители во ризик. Здравствените трошоци се проценуваат на 253 милиони евра годишно.
„Според европската агенција за животна средина во 2022 година поради хронична изложеност на аерозагадување прерано починале 3.600 наши сограѓани, што е 16 проценти од вкупниот број починати во годината. Во Скопје 1.200 луѓе годишно умираат како резултат на загаден воздух“, изјави Ели Пешева – О2 иницијатива.
Невладините велат – изгубивме драгоцено време поради нејасни ингеренции на институциите, изминатите 7-8 години се тапка во место, иако постојано има планови за намалување на аерозагадувањето, завршуваат без резултати. Заклучокот е дека недостасуваат соодветни и континуирани мерки. Надзорната расправа во Собранието ќе продолжи во наредните пет дена.
Андријана Ѓурческа
