Николоски: Договорот Влада со Влада ќе го потпишеме во четврток во Лондон
Целта нa Договорот е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори во Република Македонија, истакна Николоски...

За да се реализираат проекти, мора да се обезбедат финансии, а за тоа пак е потребна правна рамка. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, најавувајќи го потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, којшто во четврток ќе биде потпишан во Лондон. Николоски дециден дека за разлика од некои претходно склучени договори, за овој ништо ниту се крие, ниту се прогласува за државна тајна.
„Не е тајна дека имаме иницијални преговори, но прво мораме да го имаме договорот влада со влада. Нема да се работи за фиксно финансирање туку ќе биде врзано со проектот. Се водевме од интересите на државата и во таа насока дека волку средства колку што ние обезбедуваме, во моментов ниту една друга меѓународна финансиска институција не е во можност да ѝ ги понуди на Македонија. Не постои таква релевантна институција, а да не е од земјите коишто не се стратешки партнери на Македонија, не зборуваме за руски или кинески пари туку зборуваме за западни пари, којашто е во можност наеднаш да обезбеди волку средства за земјава“, истакна Николоски.
Првичната должина на договорот ќе биде 10 години, со можност за продолжување. Николоски, кој ќе ја предводи македонската делегација во британската престолнина, најави и средба со директорот на компанијата Рајанер, на која ќе се разговара за нови авиолетови до Скопје. Објаснувајќи ја разликата меѓу овој и договорот со Унгарија, Николоски вели, заемот од Унгарија беше за ликвидност и проекти, а овој е само за проекти.
Марија Котовска
