Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите
Зборувајќи како жена, претседателка на државата и врховна командантка на вооружените сили, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека вистинската борба на жените, припаднички на Армијата, не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за третман, усогласување со семејните обврски, а за жал и борба за еднакво вреднување и напредок...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на настанот за промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата како дел од сеопфатната реформа на безбедносниот сектор во нашата држава, организиран од страна на Министерството за одбрана и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, со што се заокружи проектот за изработка на Родовиот акциски план 2024 – 2028.
Зборувајќи како жена, претседателка на државата и врховна командантка на вооружените сили, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека вистинската борба на жените, припаднички на Армијата, не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за третман, усогласување со семејните обврски, а за жал и борба за еднакво вреднување и напредок.
Третирајќи го прашањето на промовирање на родовата еднаквост како прашање на националната безбедност, претседателката потсети дека промовирањето на родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите, при што мора солидарно да се израмни патот и да се отвори простор за извонредност, без оглед од каде таа доаѓа, бидејќи Министерството за одбрана и вооружените сили коишто целосно ја одразуваат различноста и ползуваат сечии вештини, ќе бидат сила подготвена за секоја мисија или предизвик во иднина.
