Нови руски напади во Украина
Нови напади на украинскиот фронт. Разговорите за прекин на огнот тапкаат во место. Зеленски е подготвен на секаков формат, но да има резултат. И покрај повиците до САД да го зголемат притисокот врз Москва, Трамп сè уште не решил што ќе прави.

Нови напади на украинскиот фронт додека разговорите за прекин на огнот тапкаат во место. Русија пресретнала над сто украински дронови чија цел биле воено-индустриски објекти. Путин го посети Курскиот Регион, првпат откако ги протераа украинските трупи. Одржа состаноци со волонтери и локални претставници и ја посети нуклеарната централа во Курчатов. Го осуди режимот на Киев за уништување споменици и цркви и најави дека ќе ги постигне сите цели благодарение на единството на своите граѓани.
„Дури и во конкуренција на идиоти би го зазеле второто место. Зошто? Затоа што се идиоти. Со тоа што го прават покажуваат кои се. Еве нè – тим. Ова е безусловниот успех на сите наши напори. Ова се неопходните услови за постигнување на сите наши цели“, изјави Володимир Путин – претседател на Русија.
Во истовреме, папата ја потврди посветеноста Ватикан да биде домаќин на мировните преговори за Украина-соопшти италијанската премиерка Мелони.
„Светиот Престокл е отворен – за непријателите да се сретнат и да си погледнат во очи. За луѓето повторно да ја откријат надежта и достоинството што им припаѓа – достоинството на мирот.“- изјави папата.
Зеленски е подготвен за секаков формат на преговори што носи резултати. Но, нагласува-ако Москва продолжи да поставува нереални услови и да го поткопува напредокот, последиците мора да бидат сериозни. Благодарен е на сите што ги заоструваат санкциите против Русија и ги повика САД да не откажуваат од мировниот процес.
„Дипломатијата е посилна кога сме обединети. Важно е Америка да продолжи да учествува во процесот на приближување на мирот. Америка е она од што се плаши Русија, и нејзиното влијание може да спаси многу животи ако го притисне Путин да ја заврши војната“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
И покрај повиците до САД да го зголемат притисокот врз Москва, Трамп вели дека тоа ќе биде негова одлука и дека сè уште не решил што ќе прави.
„Тоа ќе биде моја одлука и ничија друга. Ќе видиме како ќе се однесува Русија. Ќе видиме што ќе се случи. Знаете, имаме прилично критичен период во моментов“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Брисел воведе 17-ти пакет санкции за Москва најавувајќи нов уште посилен, доколку Путин не се согласи на прекин на огнот.
Бојана Крстевски
