Почнаа уписите на државните универзитети

14.08.2014 10:46

На петте државни универзитети за идните студенти има нешто повеќе од 24 илјади слободни места...

Почнаа уписите за високо образование. На петте државни универзитети за идните студенти има нешто повеќе од 24 илјади слободни места.

На најстариот и најголем универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје слободни се вкупно 10.048 места, од кои за редовни студенти во државна квота 5.771 места, за редовни со кофинансирање на студиите слободни се 3.267 и за вонредни студенти 1.010 места.

Пријавувањето во првиот рок денеска и утре е и на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ – Охрид, а вчера почна на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола и „Гоце Делчев“ - Штип.

На Државниот универзитет во Тетово пријавувањето во првиот уписен рок ќе се реализира идната седмица, од 19-ти до 22 август.

Резултатите од пријавувањето на сите државни универзитети и успехот во средно образование ќе бидат објавени од 19-ти до 25-ти август, а запишувањето ќе биде од 25-ти до 29-ти овој месец.

Студентите во државната квота плаќаат по 200 евра или 100 евра на дисперзираните студии, а кофинансирањето и цената за вонредните студенти е 400 евра.