Почнува мултинационалната вежба „Брз одговор 25“ на полигонот Криволак
Македонија повторно домаќин на мултинационалната вежба „Брз одговор 25“ на полигонот Криволак. На неа ќе се изведуваат копнени борбени дејства и бојни гаѓања, преку кои се подобруваат подготвеноста, интероперабилноста и способностите за одвраќање помеѓу НАТО-сојузниците и партнерите. Најмасовно учество досега на воена вежба со 2.200 припадници од 9 армии …

Полигонот Криволак повторно домаќин на најголемата воена вежба „Брз одговор 25“ со 2.200 припадници од 9 армии од 7 НАТО-земји и две партнерски држави.
Вежбата е втора фаза од мултинационалната вежба „Дефендер 2025“, која има за цел подобрување на готовноста, интероперабилноста и способностите за одвраќање на НАТО-сојузниците и партнерите.
На вежбата се изведуваат копнени борбени дејствија и бојни гаѓања со американски воени хеликоптери „Апачи“, 30-тина тенкови „Леопард“, минофрлачи, инженериско возило „Хаски“ за деминирање, медицински транспортни хеликоптери „Блекхок“, армискиот хеликоптер МИ-17 и АБХО единици.
Најмногу учесници има од македонската Армија – 950 припадници, 710 од Националната гарда од Вермонт САД, 185 од Црна Гора, 70 од Австрија, 50 од Грција, по 30 од Италија и Албанија, двајца учесници од Обединетото Кралство и 150 од Косово.
Вежбата е можност за потврда на декларираната лесна пешадиска баталјонска група за НАТО-операции, тестирање на капацитетите за организирање и изведување вежби од поголеми размери, заедничка обука и усогласување на тактиките и стандардите на Алијансата.
Ирина Гелевска
