Образование

Јаневска: Градиме образовен систем кој ќе ги исполни целите на Стратегијата за паметна специјализација

21.05.2025 19:23

Министерката информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите...

Македонија има Стратегија за паметна специјализација која дефинира области каде имаме потенцијал за развој. Најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието, да создава кадар кој е потребен во приоритетните области на стопанството. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Светскиот образовен форум што се одржува во Лондон, каде е говорник на панел-дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.

Министерката информираше дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.

Јаневска е прв македонски министер за образование што се обратил на Светскиот образовен форум во Лондон кој е најголем глобален собир на министри за образование и вештини и има традиција повеќе од 20 години. Панелисти заедно со министерката беа министерот за образование, наука и истражување на Маурициус, Сукон Кавирај Шарма и директорот за образование и вештини на ОЕЦД, Андреас Шлихер.

Оваа година форумот е посветен на прашања поврзани со развојот на инклузивни, одговорни и отпорни образовни системи кои поттикнуваат правичен и одржлив социо-економски раст. Се дискутира и за изнаоѓање иновативни решенија на актуелни глобални предизвици, етичка употреба на современата технологија и вештачката интелигенција, за ефективни начини на воспоставување јавно-приватни партнерства и развој на меѓународната соработка.