Скопје

Арсовска бара одговори за дивоградба од неколку илјади метри квадратни државно земјиште во Чаир

21.05.2025 15:27

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска бара одговори од нејзиниот колега, Висар Ганиу за објект што во моментот на диво се гради во неговата општина. Таа, заедно со нејзиниот тим на соработници излезе на терен и ги повика институциите да реагираат.

Дивоградба распространета на неколку илјади метри квадратни државно земјиште, без документи, проект и одобрение за градба, се гради во Општина Чаир. Ова го регистрираа надлежните служби од Град Скопје, кои по пријава на граѓани, излегоа на терен и подготвија записници.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска го повика градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу да постапи согласно законот, а побара и реакција од Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

Арсовска не одржала состанок со градоначалниците 3 ипол години, а сега ме повикува од тротоар, став на градоначалникот на Чаир, Ганиу. Тој ја повика да дојде во Чаир и за капитални инвестиции.

Скопската градоначалничка, меѓу другото, го обвини градоначалникот на Чаир и за незаконско справување со сметот во општината, откако било утврдено дека со камион се собира од територијата на Чаир и се остава пред контејнерите на град Скопје. Ганиу пак вели, собирањето на отпад од обемни материјали не функционира, а ние имавме иницијатива за негово собирање, но бевме запрени.

 

Марија Котовска