Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Законот за привремено и сезонско ангажирање лица за работа ќе зададе силен удар на сивата економија

21.05.2025 16:48

Законот за привремено и сезонско ангажирање лица за работа кој вчера беше донесен во Собранието ќе зададе силен удар на сивата економија. Работодавачите ќе може да ангажираат лица од разни возрасти и профили без при тоа тие да работат на црно, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Според граѓаните, законот дава можност за дополнителна заработка, но велат не треба да се ограничуваат професиите во кои работодавачите ќе можат да ангажираат работници за привремена работа...

Пензионери, студенти, сезонски работници, приматели на социјална помош, вработени и невработени – сите кои сакаат дополнително да заработат, работодавачите ќе имаат можност привремено да ги ангажираат во земјоделството, овоштарството, угостителството. Ова се области каде законот дозволува за нив да се плаќа пензиско и здравствено осигурување. Економистите велат – на овој начин ќе се зададе удар на сивата економија, а ќе се подобри стандардот на граѓаните.

„Честопати работадавачите велат нема доволно квалификуван кадар, па дури и најавуваат потреба за увоз на работници. Тука имаме лица кои сакаат да работат, имаме работодавачи кои имаат потреба од работна сила, што значи можат и едните и другите да најдат интереси и да се вклопат“, изјави Јован Пејковски, универзитетски професор.

Според граѓаните, законот дава можност за дополнителна заработка, но велат не треба да се ограничуваат професиите во кои работодавачите ќе можат да ангажираат работници за привремена работа.

„Добро е секој да може да работи четири часа, го слушнав законот. Зошто здрав човек да не работи, да седи дома. Скапотијата е голема“.

„Не ги ограничуваат луѓето, кој се чувствува способен нека работи. Уште малку и марсовци ќе почнеме да бараме, сите луѓе отидоа од земјава“.

„Нека продолжи и на другите гранки, мислам дека беа спомнати само неколку професии. Сите треба да имаат право, па ако можат нека заработат пари“.

Законското решение помина во Собранието, поддржано е со грант од 200 илјади евра од германска институција.

„Создаваме нови можности и олеснителни околности за работодавачите да можат да ги пријават своите сезонски – или работници ангажирани на одреден период, а со тоа создаваме и услови работниците да добијат пензиски и здравствени придонеси за својот труд, а државата да ги наплати давачките коишто сега се во сивата економија“, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО – ДПМНЕ.

Според власта – законот е на барање на работниците и работодавачите.

На овој начин околу 30 илјади вработени ќе бидат ставени во системот. Согласно Законот, тие нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како социјална помош, пензија, стипендии и право на редовни студии.

Андријана Ѓурческа