Полициска акција

Уапсени четири лица, членови на криминална група осомничени за убиства

21.05.2025 16:02

Четири члена на криминалната група „Беланоца-Барон“ се осомничени дека извршувале нарачани убиства, неовластено произведувале и продавале дрога. Јавното обвинителство отвори истрага под кодно име „Бункер“. По претресите на пет локации во Скопје, четворицата се уапсени, пронајдено е и поголемо количество на дрога...

Четири члена на криминалната група „Беланоца-Барон“ се осомничени дека извршувале нарачани убиства, неовластено произведувале и продавале дрога. Јавното обвинителство отвори истрага под кодно име „Бункер“. По претресите на пет локации во Скопје, четворицата се уапсени, пронајдено е и поголемо количество на дрога.

Според обезбедените докази во текот на 2023 година осомничените станале припадници на група која дејствувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривични дела убиство од одмазда и по нарачка за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор.

„Тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен-организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група – Грчец. Во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. Пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина, при што повредиле други лица од кои едно лице починало“, се наведува во соопштението на МВР.

Надлежниот јавен обвинител за тројца од осомничените до судијата на претходна постапка ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека за еден осомничен се бараат мерки на претпазливост.

Викторија Милевска