Македонија

Трајко Славески предложен за нов гувернер на Народната банка

21.05.2025 20:18

Претседателката Сиљановска-Давкова го достави предлогот за гувернер на Народната банка...

Професорот на Економскиот факултет Трајко Славески е предложен за нов гувернер на Народна банка. Предлогот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е доставен до Собранието, а неговото име и најмногу се споменуваше како потенцијален челник на централната банка.

При донесувањето на одлуката, претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати – велат од кабинетот.

МТВ го контактираше Славески, но барем за сега од него нема повратна информација.

Инаку, Славески е актуелен претседател на Советот на Град Скопје. Зад себе има богата академска и политичка кариера. Редовен професор е на Економскиот факултет при УКИМ. Најмногу се истакнува во учеството на економските дебати, а јавноста го памети и како министер за финансии.

Според Уставот, гувернерот го предлага Претседателот на државата, неговиот избор треба да биде во координација со владејачкото мнозинство, оти за избор се потребни 61 пратеник или просто мнозинство.

Инаку, мандатот на актуелната гувернерка Ангеловска-Бежоска истече, но законот пропишува таа да ја врши функцијата до изборот на нов гувернер. Ангеловска-Бежоска стапи на функцијата на 22 мај 2018 година.

Борис Грујоски