свет

Убиени вработени во амбасадата на Израел во САД

22.05.2025 09:49

Две лица, вработени во израелската амбасада во Вашингтон се убиени. Напаѓачот е уапсен.При приведувањето извикувал „Слобода за Палестина“.Властите уверуваат дека нема закана за заедницата. Во екот на офанзивата во Газа, премиерот Нетанјаху тврди дека Хамас сè уште држи 20 живи заложници. По критиките за хуманитарната криза, Израел дозволи десетици камиони да влезат во енклавата...

Двајца службеници на израелската амбасада во САД се убиени во терористички напад пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. 30-годишниот напаѓач од Чикаго е уапсен. При приведувањето извикувал „Слобода за Палестина“. Сочувство за жртвите и повредените од претседателите на САД и на Израел. Властите уверуваат дека нема закана за заедницата. Слични напади се регистрирани и во други земји од почетокот на војната во Газа.

„Ужасниот инцидент исплаши многу луѓе во нашиот град и во нашата земја, и сакам да бидам јасна дека нема да толерираме насилство или омраза“, изјави Муриел Баузер, градоначалничка на Вашингтон.

„Двојката беше застрелана во име на „слободна Палестина“. Тоа беше млада двојка која требаше да се сврши. Младиот човек купи прстен оваа недела со намера да и предложи брак на својата девојка следната недела во Ерусалим“, изјави Јехиел Лајтер, амбасадор на Израел во САД.

Нетанјаху најави дека ќе се зголеми безбедноста во израелските мисии и дека офанзивата продолжува сè до искоренување на Хамас. Тој рече дека во Газа има 20 живи заложници, и доколку постои можност за привремен прекин на огнот што ќе ги врати дома, тој би се согласил. Обелодени дека преку план од три фази ќе се дистрибуира основната храна за цивилите во енклавата.

„Подготвен сум да ја завршам војната, но со јасни услови што ќе ја обезбедат безбедноста на Израел. Сите заложници се враќаат дома, Хамас го предава оружјето и ја напушта власта, нивното раководство е протерано од Газа, или она што останало од нив и Газа е целосно ослободена од оружје, а ние го спроведуваме планот на Трамп. Тоа е добар план и прави разлика. Жителите на Газа кои сакаат да заминат можат да си заминат“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во меѓувреме, десетици камиони, за првпат по 81 ден влегоа во енклавата. Претходно ООН објавија дека имало доцнење во дистрибуцијата, а рутата што им ја понудиле израелските одбранбени сили не била безбедна.

„Нашите партнери се во контакт со лидерите на заедниците во Газа за да го ублажат ризикот од грабежи и да се уверат дека залихите што влегуваат во Газа ќе стигнат до луѓето на кои им се потребни. Сепак, важно е да се нагласи дека ограничените залихи што конечно ќе бидат дозволени да влезат во Керем Шалом не се ни приближно доволни за да ги задоволат потребите во Газа, кои се огромни“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Катастрофалната хуманитарна криза во Газа го вклучи алармот кај светските лидери. Лондон ги прекина разговорите за слободна трговија, а ЕУ најави преиспитување на договорот за трговските врски. Нетанјаху, пак, објави дека најверојатно војската го убила лидерот на Хамас, Мохамед Синвар, брат на веќе убиениот Јахја Синвар.

 

Маријана Димовска