Убиени двајца службеници на израелската амбасада во САД
Војната од Блискиот Исток се прелева на улиците низ светот. Двајца вработени во израелската амбасада во САД се убиени пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. Осомничениот, кој извикувал „Слобода за Палестина“ е уапсен. И додека САД и Израел нападот го нарекоа акт на омраза и антисемитизам, во Газа се случува вистинска хуманитарна криза. Нетанјаху објави дека најверојатно го убиле лидерот на Хамас, Мохамад Синвар …

Млада двојка, двајцата службеници на израелската амбасада во САД, убиени се во терористички напад пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. 30-годишниот напаѓач од Чикаго е уапсен. При приведувањето извикувал „Слобода за Палестина“. Властите уверуваат дека нема закана за заедницата.
„Ужасниот инцидент исплаши многу луѓе во нашиот град и во нашата земја, и сакам да бидам јасна дека нема да толерираме насилство или омраза“, изјави Муриел Баузер, градоначалничка на Вашингтон.
Сочувство за жртвите и повредените од претседателите на САД и на Израел. ЕУ, Велика Британија, Франција, Германија, Италија со осуда за нападот. Од кабинетот на премиерот на Нетанјаху објавија дека ќе се зголеми безбедноста во израелските мисии.
„Ова е директен резултат на токсичното антисемитско поттикнување против Израел и Евреите низ целиот свет. Тоа се случува уште од масакрот на 7 октомври. Сведоци сме на невиден бран терористички напади и акции против израелските мисии низ целиот свет, со акцент на Европа“, изјави Гидеон Саар, министер за надворешни работи на Израел.
Во Газа состојбата непроменета, Израел ја продолжува офанзивата. По критиките од меѓународната заедница, десетици камиони за првпат по 81 ден влегоа во Газа. Претходно ООН објавија дека имало доцнење во дистрибуцијата.
„Нашите партнери се во контакт со лидерите на заедниците во Газа за да го ублажат ризикот од грабежи и да се уверат дека залихите што влегуваат во Газа ќе стигнат до луѓето на кои им се потребни“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Израелскиот премиер тврди дека 20 живи заложници и натаму се во рацете на Хамас. Спроведувањето на планот на Трамп за преместување на Палестинците од Газа го постави како нов услов за завршување на војната. Нетанјаху вели дека најверојатно војската го убила лидерот на Хамас, Мохамед Синвар, брат на веќе убиениот Јахја Синвар.
Маријана Димовска
