Финишира истрагата за пожарот во Кочани
За десетина дена треба да заврши истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Досега распрашани над 300 лица...

Јавните обвинители извршиле распит на над 300 сведоци за пожарот во Кочани, откри републичкиот јавен обвинител Коцевски. Според него истрагата е во чувствителна фаза која би требало да заврши за десетина дена, по што осомничените треба да направат увид во доказите и кон средината на јуни кочанското Обвинителство да донесе одлука. Можно е проширување на истрагата и за други осомничени лица.
СДСМ и коалицијата повторно го поднесоа Предлог-законот за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани по редовна постапка со вклучени забелешки од владејачкото мнозинство.
Не сакаме да навлеземе во политизација на трагедијата во Кочани, го повторија ставот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Мицкоски се видел со најголемиот дел од семејствата на загинатите во пожарот во Кочани и најави дека ќе продолжи да се гледа, разговара и да им помага на семејствата на повредените.
Ирина Гелевска
